Дендиас: Грција ја поддржува ЕУ перспективата на соседите под услов да се исполнат критериумите
Проширувањето на ЕУ и европската перспектива на земјите од Западен Балкан била една од темите за кои разговарале министрите за надворешни работи на Германија и Грција, Хајко Мас и Никос Дендиас на нивната денешна средба во Берлин, jави МИА од Атина.
-Разговаравме и за прашањето за проширување на ЕУ со Западен Балкан. Мојата земја, најстарата земја- членка на ЕУ во Југоисточна Европа, отсекогаш ја поддржуваше европската перспектива на нашите соседи, се разбира под предусловот од кој нема отстапување, да се исполнат критериумите и условеноста- правилата, кои секако, важеа и важат за сите нас, рече Дендиас и додаде дека на неговиот германски колега му ја истакнал волјата на Грција да продолжи да игра улога на „столб на стабилноста и соработката во поширокиот регион“.