Две години топло-ладно на релација Пендаровски – Мицкоски: Зошто денеска заѕвони телефонот во претседателската резиденција?
„Јас првично ги прашував луѓето околу мене за какво кривично дело се гонат. Јас знам дека такво кривично дело, мислам таква формулација, немаше на времето ниту во бивша Југославија, ниту во 90-тите години. Тоа е подоцна прифатено. Бидејќи јас нешто знам околу тероризмот и околу безбедносните проблеми и дилеми, тврдам дека тие луѓе што влегоа не беа терористи“,
Различни реакции на изјавата за 27 април
Иако потоа Пендаровски објаснуваше дека не се планира нова амнестија или аболиција за 27 април, неговата изјава во одност на квалификацијата на делото првично не наиде на одобрување меѓу пратеници од СДСМ од сегашниот состав.
„Она што се случи на 27 април беше рушење на уставниот поредок. Сите бевме сведоци што се случи пред четири години, дека тоа беше напад на домот на демократијата и за тоа следеше судска постапка, каде веќе делото е завршено, а судот е оној кој треба да одлучи дали станува збор за тероризам или насилство“,
Од друга страна, изјавата на Пендаровски, веројатно, предизвика позитивна реакција кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ, што денес резултира со најава за средба на шефот на државата со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, кој минатата недела се приклучи на протестите за „слобода на уставобранителите“, откако, пред две години, неговата партија не успеа да издејствува целосна амнестија на осудените за „крвавиот четврток“.
Мицкоски денеска го свртел телефонски телефон на Пендаровски и разговорот меѓу нив завршил со договор за средба, на која, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, би се разговарало за темата што ја отвори Пендаровски во врска со осудените за 27 април и за актуелната политичко-економска состојба.
Следната среда, ќе се заокружат две години откако Пендаровски ја презема претседателската функција, по изборите на кои извојува победа над кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска – Давкова. Тие две години поминаа во знак на осцилации во релациите меѓу Пендаровски и сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, од „кохабитација“ до искричења и замрзнување на односите.
Девет месеци замрзнати односи
За разлика од неговите претходници, Пендаровски го почна мандатот како „признаен претседател“, чиј легитимитет не го оспорува опозицијата, независно од критиките што неретко ги упатуваше и на негова адреса. Мицкоски учествуваше редовно на лидерските средби што ги свикуваше Пендаровски, почнувајќи од есента 2019 година, кога беа договорени ланските предвремени избори, па се до одлуката изборите да се одржат на 15 јули, откако беа одложени поради ковид-кризата и вонредната состојба.
Но по изборите, Мицкоски објави дека ВМРО-ДПМНЕ ги замрзнува односите со Пендаровски и дека ќе ги преиспита политиките кон него, откако претседателот му го даде мандатот за формирање на новата Влада на Зоран Заев, без, како што се тврдеше, тој да достави доказ дека има мнозинство во Собранието.
Во декември минатата година, кога Пендаровски по вторпат се обраќаше пред парламентот, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ извадија траснпаретни пред собраниската говорница и брзо потоа ја напуштија салата, така што говорот останаа да го слушаат само претставниците на владејачкото мнозинство.
Меѓу Мицкоски и носителите на извршната власт во земјава имаше несогласувања и во врска со спорот со Бугарија. Најновите искричења со Пендаровски, пак, се случија по собраниската седница на која беа донесени законите што произлегоа од петтиот сет антикризни мерки, додека на седницата претходно парламентарното мнозинство обезбеди кворум така што во Собранието дојдоа двајца пратеници позитивни на ковид-19, облечени во скафандери.
