МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

Дајте малку сериозност, ќе има попис како што е пропишано, Заев за барањето на ВМРО-ДПМНЕ за електронско попишување

Дваесет години немаме попис, а сега сѐ е подготвено за спроведување на операцијата. Попис ќе има, како што е предвидено, изјави денеска премиерот

Ќе има попис и тој ќе се реализира како што е предвидено со законот, рече денеска премиерот Зоран Заев коментирајќи ги предлозите на опозицијата за електронско попишување, кои се пласираат десетина дена пред стартот на статистичката операција.

Заев посочи дека првата наредна седница на Собранието ќе се одржи кон средината на септември, а пописот, како што нагласи, почнува на 5 септември, алудирајќи на тоа дека нема простор за измени на Законот за попис.

„Дајте малку сериозност. Дваесет години немаме попис. Сега сѐ е подготвен за спроведување на пописот и попис ќе има, како што е предвидено. Пописот ќе почне на 5 септември, а ќе заврши на 30 септември и потоа сите ќе си продолжиме со животите, побогати за многу податоци што се значајни за државата, демографијата, економијата“,

рече Заев.

Слично како и пред одложувањето на операцијата, која првично беше закажана за април, ВМРО-ДПМНЕ и сега бара пописот да се спроведе електронски. Како причини го наведуваат тоа што нема доволен број пријавени попишувачи, како и епидемиолошката состојба во земјата поради ковид-19.

Во однос на ситуацијата со епидемијата, Заев оцени денеска дека е добро што почнуваат да се стабилизираат бројките на заразени со ковид-19 во најзагрозените градови, како Тетово и Гостивар. Сепак, се оградува и вели дека повеќе информации околу тоа треба да дадат Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство.

„Нема дискусии за карантини или за други дополнителни мерки на локално ниво. Добро е што во најзагрозените градови бројките постепено се стабилизираат и се надеваме дека ќе почнат да паѓаат во наредните денови“,

рече Заев и посочи дека и другите држави, во однос на бројките на заразени и смртноста, се соочуваат со слична ситуација од аспект на овој бран на ковид-19.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, исто така, вели дека нема простор за промена на методологијата за попишување, која, како што вели, е донесена со Закон, објавена во „Службен весник“ и одобрена од Евростат.

На вчерашната прес-конференција во Владата, во однос на бројот на попишувачите, Симовски рече дека се надева оти ќе има доволно. Тој се заблагодари за препораката од Владата да се стават на располагање времено вработените во државните институции, но изрази надеж и очекување дека нема да има потреба од нивно ангажирање зашто, како што рече, има доволен број попишувачи.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial