Вучиќ: Утре или задутре забрана за извоз на пченица
Претседателот на Србија Александар Вучиќ кажа денес дека сака луѓето да знаат колку е комплицирана ситуацијата во светот.
„Утре или задутре се воведува забрана за извоз на пченица“, најави Вучиќ. „Мораме да чуваме леб за нас и луѓето во регионот“.
„Се плашам од нови вести. Некогаш со мака гледате во телефон бидејќи очекувате само лоши вести. Добивате сè полоши вести. Ако сега се случи да ја санкционираат руската нафта, не знам каде тоа ќе заврши. Пченицата „отиде до небо“, на историски максимум, а тоа значи дека ќе скокнат и цените на другите производи. Кина купува сè што ќе стигне“, изјави Вучиќ.
Тој кажа дека ситуацијата секој ден ќе биде сè потешка.
„Сега е 10 пати полоша отколку кога почна коронакризата“, истакна српскиот претседател.
Потсети дека веќе кажал дека нема проблеми во Србија со снабдувањето и укажа дека има доволно нафта. Меѓутоа кажа дека не е проблемот со снабдувањето со нафта, туку цената.
„Ако донесат одлука дека нема руска нафта, тогаш тоа ќе биде два или три пати поскапо од историскиот максимум. Рубљата падна 38 отсто, европските банки пропаѓаат на неверојатен начин. Цел свет се урива пред нас. Само се надевам дека ќе престане војната во Украина“, кажа Вучиќ.