Вучиќ: Србија годинава според БДП е најдобра во Европа
Србија, според новата проценка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) дека падот на нејзиниот бруто домашен производ (БДП) оваа година ќе биде 1,5 отсто, ќе биде најдобра во Европа, кажа денес српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тој, по видео-разговорот со шефот на мисијата на ММФ Јан Кејс Мартејн, кажа дека Србија 2020 ќе ја заврши со „златен медал“, бидејќи ќе има минимален пад на БДП во однос на другите земји.
Како што наведе, Грција годинава ќе има пад на БДП од 9,5 отсто, Црна Гора од 12 отсто, Словенија 6,7 отсто, Хрватска девет отсто, Албанија 7,5 отсто, Унгарија 6,1 отсто.
„Ние со тоа не се задоволуваме, сакаме да имаме и позитивен раст“, кажа Вучиќ.
Претходните две проценки на ММФ беше дека падот на БДП во Србија ќе биде три, односно 2,5 отсто, а новата проценка за падот од 1,5 отсто, според Вучиќ, ќе биде објавена наскоро.