Вучиќ: Покер околу одењето во Тирана
Српскиот претседател Александар Вучиќ се заканува дека нема да оди на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана. Млаката реакција на ЕУ е причина за незадоволство во Белград.
длуката на косовскиот премиер Албин Курти како министер за заедници во својата влада да го постави Ненад Рашиќ, како и Рада Трајковиќ за негов заменик, предизвика досега незабележана реакција на српскиот претседател.
Во невообичаено остар тон Александар Вучиќ го нарече косовскиот премиер „терористички олош“, и изјави дека „го избрале најлошиот српски изрод од дното на бурето, кои немаат никаква доверба во Србија, но имаат доверба во Курти и западните агентури“. Кон тоа се закани дека нема да отпатува на најавениот самит на 6 декември. Рада Трајковиќ реагираше дека „го разбира Вучиќ како пациент, но не и како српски претседател.“
По средбата со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, Вучиќ изјави дека останува на своите оценки за Рашиќ и Трајковиќ, но ќе размисли околу присуството на самитот ЕУ- Западен Балкан во Тирана.
Белград е незадоволен и од реакцијата на ЕУ, која ја смета за млака. Според белградските медиуми, бившиот претседател на Уставниот суд на Косово, Енвер Хасани, „Курти со именувањето на Ненад Рашиќ за министер го прекршил уставот.“
Игор Новаковиќ, директор на Истражувачкиот центар ИСАК фонд оценува дека „користењето на регионалниот самит како платформа за упатување некои пораки до ЕУ и Курти е лошо. Регионалната соработка е интерс на сите заинтересирани, а овде работата се сведува на меѓусебниот однос на Белград и Приштина. Затоа не гледам големи последици ако Србија евентуално не присуствува на тој самит, но можно е да остави негативна атмосфера меѓу учесниците во процесот на регионална соработка“, вели Новаковиќ.
Реакцијата на Вучиќ би била многу поефикасна ако ситуацијата на Србија е нешто подобра, вели за ДВ Александар Попов, директор на Центарот за регионализам:
„Позицијата на Србија е далеку од тоа, плус настапот е со непримерен речник, па доведе до избрзана одлука да не се оди во Тирана. Целата приказна е лошо одиграна, тоа не придонесува кон позицијата на Србија во ЕУ“.
Попов сепак додава дека сепак „ќе дојде до ретерирање и на крајот одење во Тирана. Но, емоциите не се добар сојузник овој пат, би требало добро да се размисли колкав простор имаме за правење чекор назад и загрозување на процесот на европски итеграции. Сојузници не се стекнуваат на ваков начин“, вели Попов.