ВМРО-ДПМНЕ: Јанева е само алка во Рекет, според власта, одговорност ќе има за сите
Опозицијата бара да се најде нарачателот на Рекет, од власта велат стојат на располагање и бараат одговорност за сите инволвирани. УЈП најавува контроли кај физички и правни лица поврзани со случајот.
Одговорност за сите мора да има, рече владиниот портпарол Муамед Хоџа, по проширувањето на случајот Рекет со обвинителката Катица Јанева. Тој вели дека случајот е потврда дека секој е еднаков пред правдата и законите. Владата повикува да се спроведе темелна и независна истрага што ќе заврши што е можно побрзо и ќе ги покаже сите детали.
„Одговорност мора да има за сите инволвирани. Институциите на извршната власт им стојат на располагање со цел свој капацитет на истражните и правосудни органи. Ослободувањето на целиот правосуден систем дава резултати и очигледно е дека независноста се прифати како алатка која ги охрабри институциите и луѓето да дадат резултати кои се очекуваат од правната држава и владеење на правото“, изјави Хоџа.
Портпаролот вели дека Владата нема да дозволи случајот негативно да биде искористен за попречување на евроатлантските интеграции на земјата. Извршната власт очекува од сите истражни и правосудни органи, вклучително и од СЈО, натамошна безкомпромисна борба против највисоките облици на организиран криминал и корупција, рече Хоџа.