ВМРО-ДПМНЕ: Изборите не се услов за техничка Влада – владејачките партии согласни, но бараат претходно да има консензус

По скратена постапка да се донесат измените на Законот за Влада кои се однесуваат на укинување на таканаречената Пржинска, односно техничката Влада пред избори. Ова на денешната координација кај претседателот на Собранието Талат Џафери било образложено од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои денеска го поднесоа предлогот до парламентот. Тие побараа за укинувањето на техничката влада да се расправа на седницата в среда. Иако инсистираат да се одржат предвремени парламентарни избори, сепак велат тоа не е услов да се донесат измените на законот.
„Со овој предлог на закон ние предвидуваме и бараме бришење на одредбите од законот за начин на избор на Влада кои предвидуваат 100 дена пред одржувањето на парламентарни избори да се избере нова преодна Влада. Во овој момент кога се актуелни неколку кризи и кога владее општ хаос во државата Македонија не смее и не може повеќе да губи ниту ден, а не пак 100 дена техничка влада. Не е условено, бараме од Законот за влада овие одредби да бидат избришани поради нефункционалноста на самите овие одредби“, истакна Никола Мицевски.
Од владејачките партии генерално го поддржуваат предлогот за укинување техничка влада, но бараат тоа претходно да се усогласи и да се предложи со консензус на сите партии.
„Добро е што ВМРО-ДПМНЕ после толкав период признава дека нашата држава има институции кои што можат да спроведат фер и демократски избори. Според договорот пржински, значи дека измените на Законот за Влада треба да биде консензус помеѓу 4-те најголеми политички партии во Собранието а не на ваков начин со еднострана изразена волја на една партија. И второ тајмингот на поднесување на овој закон кога сите знаеме дека предвремени парламентарни избори нема да има“, додаде Јован Митревски.
„Треба со консензус да се предлага ваков предлог закон и секако имаме време пред нас да се анализираат најдобрите решенија околу ова прашање, евентуално и други прашања кои би требало да се дорегулираат во законот за Владата“, вели Арбр Адеми.