Нова страница за информации

Велика Британија ќе го понуди вишокот вакцини на други кога ќе ги вакцинира своите жители

Велика Британија ќе се фокусира да ја вакцинира целата своја возрасна популација, пред вишокот вакцини да го понуди на други земји, како што е соседна Ирска, рече во вторникот британскиот министер за претприемништво Кваси Квартенг, пренесе Ројтерс.

Повеќе од 30 милиони Британци ја примија својата прва вакцина против ковид-19 во најбрзото вакцинирање во Европа, а намерата е вакцината да им биде понудена на сите возрасни до крајот на јули.

Сепак, Велика Британија се најде во јавна полемика со Европската унија, каде што програмата за вакцинација тече многу побавно поради доцнењето во набавката на вакцини.

„Мислам дека нашиот фокус треба да биде насочен кон обидот да ја одржиме Британија безбедна, но исто така сакаме да соработуваме со други земји, но главниот приоритет е да спроведеме вакцинација“, изјави Квартенг за Скај њуз.

Тој рече дека Велика Британија соработува со други европски земји за и нивното население да се вакцинира и дека тоа не е „компетитивна ситуација“.

Сепак, на прашањето дали Велика Британија може да ѝ помогне на Ирска, тој рече: „Ако има вишок, можеме да ги поделиме, но во моментот нема вишок, а сè уште имаме голем број луѓе кои мора да ги вакцинираме“.

Велика Британија договори да купи десетици милиони дози вакцина од голем број добавувачи, а во понеделникот „Глаксо Смит Клајн“ објави детали од плановите за последниот дел од производствениот процес на до 60 милиони дози вакцина на Новавакс за употреба во Велика Британија.

Британскиот премиер Борис Џонсон е еден од 23-те лидери кои во вторникот ја поддржаа идејата за постигнување меѓународен договор што ќе му помогне на светот да работи заедно за решавање на идните здравствени кризи.

„Денес имаме криза и сосема е во ред да се фокусираме на обидот да ја решиме во нашата земја и да ги заштитиме нашите луѓе за да можеме да се вратиме во нормален живот“, рече Квартенг.

Please follow and like us:
fb-share-icon

About Post Author

Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial