Бројот на нови КОВИД-заразени намален, сепак мерките остануваат
Министерот за здравство беше единствениот без маска меѓу другите. Растојанието воопшто не се одржуваше. Но, кога се сети дека пандемијата сè уште не е завршена, ја стави маската за да каже дека сè уште е рано за нивно трајно отстранување. Беким Сали рече дека во координација со Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, епидемиолошката состојба не им дозволува ваков чекор, зашто според него, тоа може да создаде нов пик на варијанти на корона вирусот.
„Малиот број на вакцинирани кај нас и малиот процент на природно имунизирани не ни гарантираат дека можеме да продолжиме без никакви мерки на претпазливост или други превентивни мерки“, изјави Беким Сали, министер за здравство
Според министерот Сали, со отстранувањето на маските во Британија, Данска, Шпанија и Германија, инфекциите повторно се рашириле. Во моментов во земјава има 8 заболени на 100 илјади жители, а коефициентот на вирулентност на вирусот е под 1. Но, бројот на активни случаи останува над 2.000 од кои половината се во Скопје.
„За жал сè уште сме на границата меѓу портокаловата и зелената боја, оваа недела ќе видиме по состанокот на Комисијата за заразни болести што ќе се одржи во среда и ќе ја разгледаме ситуацијата. Јас сум оптимист за општата состојба во нашата земја, но сè уште не сум оптимист за укинување на мерките“, рече Беким Сали, министер за здравство
Според податоците на Институтот за јавно здравје, од околу 870.000 вакцинирани, по серолошките тестови излегува дека 80% од нив сè уште имаат имунитет, а околу 70% од невакцинираните кои биле тестирани, имаат антитела. Вкупниот број на целосно вакцинирани во земјава е околу 40%.