Бислимовски очекува извинување: Ме лепеа на билборди, се чувствував како најголем криминалец
Од вечерва на полноќ ќе има ново намалување на горивата. Дизелот и бензинот со 95 октани поевтинуваат 1,5 денари, а бензинот од 98 октани ќе се намали за 1 денар.
Новата малопродажна цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 76 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 78,5, ЕУРОДИЗЕЛ за 78 денари.
Првиот човек на Регулаторната комисија Марко Бислимовски вели дека во изминатите неколку месеци, тој и комисијата беа напаѓани, пред се од опозициската ВМРО-ДПМНЕ поради високата цена на нафтените деривати.
Дури беше и лепен на плакати и билборди низ Скопје, поради што, како што вели се чувствувал како криминалец. Бислимовски вели дека РКЕ цената ја пресметува според утврдена методологија која се користи во цела Европа. За билбордите и навредите чека извинување.„Како што знаете, особено бевме напаѓани поради цените на нафтените деривати. Па, дури јас бев залепен на плакати низ Скопје и се чувствував дека сум најголем криминалец во државата. И тогаш кажував дека тоа се лажни вести. Изминатите две три недели, пред се поради паѓање на цената на нафтените деривати на светските берзи, како и намалување на курсот на доларот, РКЕ ја намали цената на нафтените деривати за повеќе од 30 денари. Тој тренд продолжува и денес“, вели Марко Бислимовски.
