АПСЕЊЕ ВО СРБИЈА: Шест лица приведени бидејќи фалсификувале ПЦР тестови и лични документи
По налог на српското Обвинителство уапсени се шест лица под сомнение дека фалсификувале ПЦР тест, но и лични документи, пренесуваат српските медиуми.
„По налог на Обвинителството после неколкумесечна предистражна постапка спроведена во соработка со Одделението за сузбивање организиран и финансиски криминал СБПОК МУП на Република Србија од слобода се лишени шест лица поради извршување кривични дела, односно фалсификување исправи“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Во соопштението се додава дека лажните документи ги продавале по цена од 100 до 800 евра.
Како што наведуваат, постојат сомнежи дека оваа организирана група на територијата на Србија работела во периодот од јануари годинава и дека лажирала јавни исправи, изработувала фалсификувани лични документи, како и десетици лажни резултати од ПЦР тестови на ковид-19.