Апелација одлучува за барањето на Боки 13 да излезе од притвор

Апелацискиот суд одлучува по барањето на Бојан Јовановски – Боки 13 за укинување на мерката притвор. Обвинетиот во предметот „Рекет“ денеска беше донесен во судот и побара пред медиумите да го образложи своето барање за да излезе од притвор.
– По две неуспешни операции со лекарска грешка, неопходен ми е соодветен медицински третман, а тоа условите во притворот не го дозволуваат – изјави тој.
Бојан Јовановски посочи дека има проблеми со желудникот, но и со белите дробови. Терапија во притвор не примал, а пред судиите спомена дека треба да се лечи во болница.
– Јас живеам за да ја докажам вистината. Со сите мои сознанија, докази и факти сакам да учествувам во фер кривична постапка – спомена тој пред тројцата судии.
Неговиот адвокат Сашо Дуковски изјави дека истрагата е завршена и Боки 13 нема можност да ја попречува постапката, ниту пак да влијае врз сведоци. Од Вишото јавно обвинителство пак бараат обвинетиот во предметот „Рекет“ да остане во притвор.
– Судот треба да го одбие предлогот на осомничениот. Постои опасноста од повторување на делото и опасноста од бегство – посочуваат од обвинителството.
Бојан Јовановски е 81 ден во притвор во „Шутка“. Зоран Милески – Кичеец засега е единствениот од обвинетите во „Рекет“ кому му беше дозволено да оди во домашен притвор. Апелацискиот суд вчера одби да го укине притворот за поранешната шефица на СЈО Катица Јанева.