„Алибаба“ на Џек Ма планира да издаде обврзници од најмалку пет милијарди долари
Кинеската компанија „Алибаба холдинг“ на Џек Ма планира да собере најмалку 5 милијарди долари овој месец со продажба на корпоративни обврзници деноминирани во долари.
Ова за Ројтерс го изјавиле четири извори запознаени со плановите, пренесува регионалниот портал Seebiz. Во зависност од заинтересираноста на инвеститорите, износот на задолжување може да достигне дури осум милијарди долари, што овој кинески лидер во електронската трговија веројатно ќе ги искористи за покривање на општите трошоци на компанијата, изјави еден од изворите.
Собирањето средства ќе биде тест за расположението на инвеститорите кон „Алибаба“, во услови на зголемен надзор на регулаторот врз деловното работење на оваа компанија и нејзината финтек филијала, групацијата „Ант“.
Кинеските регулатори започнаа антимонополска истрага против „Алибаба“ и ѝ наложија на „Ант груп“ да ги смени практиките за кредитирање и другите активности за финансирање на потрошувачите, откако основачот на „Алибаба“, Џек Ма, ги критикуваше финансиските регулативи на земјата во октомври минатата година.
По ова, повеќе медиуми напишаа дека основачот на „Алибаба“, Џек Ма, практично исчезна од јавноста во изминатите два месеци.
Планот за продажба на обврзниците, вклучувајќи ги и роковите, сè уште не е завршен и е предмет на промена, велат изворите на Ројтерс, чиј идентитет не е откриен, бидејќи тие не се овластени да разговараат со медиумите. „Алибаба“ одби да коментира за ова прашање.